Туризам

Времетраење на студиската програма: 4 години

Јазик: Македонски/Англиски

ЕКТС кредити: 240

Титула: Дипломиран менаџер по туризам

 

Цели на студиската програма

Осовременувањето на студиската програма по Туризам е детерминирана во согласност со измените и дополнувањата на Законот за високо образование од 11.02.2011 год. Измените на оваа студиска програма произлегуваат од современите глобални процеси не само во образовен туку и во професионален контекст.

Туризмот како една од најдинамичните општествено-економски дејности во светот доживува постојан подем како во развиените така и во неразвиените земји. Ова се поткрепува со фактот дека во меѓународниот туристички промет денес се вклучени над 900 милиони туристи, а во домашниот туристички промет бројот на туристи ја надминува бројката од 2,5 милијарди. Тоа укажува дека туризмот како дејност освојува нови целини во светот така што дури и земји кои не му придавале посебно значење денес се занимаваат со туристички активности. Квалитативно и квантитативно се менува карактерот на туристичката понуда, која станува сè пософистицирана. Во поврзувањето на туристичката понуда и туристичката побарувачка се применуваат нови средства и современи методи.

Динамичниот карактер на активностите во угостителско-туристичката дејност не ја прескокнува ни сферата на образование на кадри. Поради овие причини како и поради новите приоди во научниот третман на оваа проблематика, Факултетот за туризам и угостителство – Охрид постојано ги следи промените и потребите за кадри од областа на туризмот.

Промените во насока на развој на образовниот систем во Република Македонија во функција на подобрување на квалитетот на наставно-образовниот и научниот процес ја наметнува потребата Факултетот за туризам и угостителство – Охрид да ги следи овие тенденции и процеси со цел профилирање квалитетно обучени кадри. Тоа подразбира усогласување на добиените резултати од самоевалуацијата со барањата кои се содржани во стандардите за изведување на наставниот процес и научно-истражувачката работа. Во таа смисла неопходно е да се допрецизира стручниот профил и да се постигне можност за создавање кадри кои ќе можат да се справат со современите барања во туристичката професија. Со предложената студиска програма по Туризам акцентот при едукацијата на студентите се става на стручните дисциплини, кои ќе овозможат препознатливост на струката, поголема практична активност на студентите и полесно вклучување во професионалните активности по завршувањето на образовните процеси.

Со студиската програма по Туризам  ќе се овозможи студентите своите знаења да ги надополнуваат во други универзитетски средини во земјата и странство, овозможено преку примената на европскиот кредит трансфер систем за мобилност на студенти преку изборност на предметите. Затоа, при подготовката на оваа студиска програма се користеа знаења и искуства од повеќе европски студиски програми.

Структурата на студиската програма по Туризам им овозможува на студентите индивидуално креирање и оформување на нивното академско образование.

 

Резултати од учењето (специфични дескриптори на квалификации)

знаења и разбирање

Студентите се стекнуваат со знаења од полето на туризмот и угостителството врз основа на претходно стекнато образование и обука како основа за натамошно теоретско и практично надградување од ова научно поле. Студиската програма е во функција на користење на современи методи во работните активности особено за осознавање на новите научни резултати и нивна имплементација како апликативни решенија. Оваа програма претставува можност за унапредување на туристичката дејност во Република Македонија и светот, профилирајќи стручни кадри кои ќе се оспособени да се справат со предизвиците на современите туристички процеси. Тоа значи дека преку едукативниот процес и со примена на соодветна методологија и современи научни истражувања ќе се овозможи профилираниот кадар правилно да пристапува кон планирање и реализирање на работните процеси и задачи во туризмот.

примена на знаењето и разбирањето

По завршувањето на првиот циклус студии по Туризам, студентите се стекнуваат со знаења и вештини што ќе можат да ги применат во својата професија на најдобар професионален начин. Со едукацијата на оваа студиска програма студентите се стекнуваат со современи знаења за спецификите и карактеристиките на туризмот според високо-образовни меѓународно признати стандарди, но едновремено и со општо-образовни знаења од областите на просторните, општествено-економските, социокултурните вредности, и другите домени на туризмот. Хетерогеноста на туризмот овозможува примена на знаењата од мултидисциплинарен карактер. Студентите се оспособуваат за управување со процесите во туризмот во сите сфери на неговата дејност и настап на туристичкиот пазар со креативна способност за идентификација, анализа и решавање на проблемите

способност за проценка

Знаењата од студиската програма по Туризам им овозможува на студентите стекнување способност за прибирање, анализа и оценка на информациите, како појдовна основа за поставување нови концепти и промовирање идеи. Тоа треба да овозможи решенија за посебни проблеми во полето на дејствување. Студентите се стекнуваат со способност да ги оценат теоретските и практичните прашања од основните постулати на туризмот, туристичката легислатива, социо-психолошките и културните категории, економските аспекти на туризмот и просторните проблеми. Тоа води кон успешно објаснување на причините и предлагање соодветно решение за реализирање на работните процеси..

комуникациски вештини

Студиската програма по Туризам ги едуцира студентите да комуницираат и успешно да одговорат на различни ситуации и проблеми на сите нивоа на комуницирање. Тоа подразбира аналитичко и критичко размислување, претприемчивост и преземање на ризик, систематичност во одвивање на активностите, способност за планирање, способност за донесување одлуки, лидерство, управување и раководење со деловни субјекти во туризмот, менаџерски способности, стратегиско размислување и предвидување на активностите во туризмот. На овој начин студентите од оваа студиска програма ќе се оспособуваат успешно да комуницираат со сите инволвирани страни во туризмот. Со оглед на меѓународната димензија на туризмот, и различната културна и етничка припадност на вклучените страни, студентите ќе поседуваат интеркултурна компетенција успешно да одговорат на комуникациските ситуации.

вештини на учење

Едукацијата на студентите на наставната програма Туризам подразбира нивно оспособување за преземање иницијатива за идентификување на потребите за понатамошно професионално унапредување во нивната професија, преку следење на промените и современите трендови во туризмот, како и најновите сознанија во туристичките истражувања презентирани во научни и стручни публикации, конференции и други научни и стручни форуми.