Историјат

Основање и развој на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид

Факултетот за туризам и угостителство претставува високообразовна, наставно-научна и истражувачка единицa во рамките на Универзитетот Св. Климент Охридски од Битола чија дејност е од посебен општествен интерес. Од основањето до денес, факултетот успешно поминува низ повеќе фази од својот развој, со дефинирање на својата матичност преку решавање на угостителско-туристичките теоретски и практични проблеми. Денес, слободно можеме да кажеме дека Факултетот за туризам и угостителство успешно ја презеде улогата на водечка институција во Македонија, преку промовирање на научната, наставната и стручната мисла во подрачјето на туризмот и угостителството.

 

Основање на Вишата угостителско-туристичка школа во Охрид

Основање

Високото училишно образование во Охрид започнува со Одлуката на Здруженото угостителско-туристичко стопанство од Социјалистичка Република Македонија донесена на 11. IX 1970 г. за основање на Виша угостителско-туристичка школа.

Врз основа на оваа Одлука, Окружниот стопански суд во Битола решавајќи по пријавата за регистрација, донесува Решение со УС. Бр. 63/70 од 28. XII 1970 г. со кое се дозволува уписот на оснивањето и конституирањето на Вишата угостителско- туристичка школа – Охрид и истата се запишува во регистарот на установите при овој суд под рег. лист бр. 13/70, со дејност наобразба на кадрови од прв степен од областа на угостителството и туризмот, и со овој упис установата се смета како правно лице.

Оваа школа е единствена Виша школа во Македонија која имаше цел да едуцира стручни кадри од областа на угостителството и туризмот и единствена високошколска институција во Охрид, од која подоцна израсна и Факултетот за туризам и угостителство како нејзин правен следбеник и единица во состав на Универзитетот Св. Климент Охридски од Битола.

По донесувањето на одлуката за основање на Вишата угостителско-туристичка школа се формира Матична комисија која имала обврска да го конципира наставниот план на школата и да распише конкурс за избор на наставен кадар.